Во касарната „Илинден“ во Скопје, се одржа воена свеченост по повод примопредавање на должност командант на баталјонот за врски (бв), од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК).
На свеченоста присуствуваа: командантот на ЗОК бригаден генерал Зоран Милески, командантот на пСО бригаден генерал Орце Јордев, началниците на секциите Ј-6 на ГШ на АРМ и ЗОК, останатите команданти на првопотчинетите единици на ЗОК, преставници од локалната самоуправа и гости од цивилните структури од зоната на одговорност.
На свеченоста пред присутните со пригодни говори се обратија: командантот на ЗОК бригаден генерал Зоран Милески, досегашниот и новопоставениот командант на бв. Во своето обраќање, командантот на ЗОК, изрази благодарност на досегашниот командант на бв, потполковник Драган Ѓорѓиевски за неговиот труд, ангажираност и посветеност во работата. На новопоставениот командант, потполковник Марјан Миленковски му ја честита новата должност, и му посака успешно да ја води единицата. Потполковникот Драган Ѓорѓиевски искажа особена благодарност на припадниците на единицата за досегашната поддршка која ја имаше како командант на баталјонот. Ново поставениот командант на баталјонот за врски во својот говор истакна дека должноста која му е доверена ќе ја оправда и сите задачи ќе ги реализира професионално и одговорно.
Согласно Правилото за воен протокол, по соопштување на наредбите за поставување на церемонијален начин се изврши примопредавање на военото знаме на единицата помеѓу досегашниот и новопоставениот командант на бв.