Припадниците на АРМ од составот на 1.мпбр (прва механизирана пешадиска бригада) со повеќе активности активно се вклучија во одбележување на големиот македонски празник, 11.Октомври – Денот на народното востание.
Во пресрет на празникот, на ден 10.10.2016 година во касарната „Мирче Ацев“во Прилеп се реализира крводарителна акција. Војниците и старешините ја докажаа својата хуманост, несебично дарувајќи 30 крвни единици.
Во рамки на програмата за одбележување на празникот во вечерните часови на 10.10.2016 година, од касарната „Мирче Ацев“, беше истрелана почесна артилериска стрелба со пет плотуни од шест артилериски орудија. Потоа од страна на припадниците на артилерискиот баталјон се изведе импровизиран напад на меморијалниот музеј „Участок“.
Воениот оркестар на АРМ на едночасовен концерт кој се реализира на камената бина во центарот на Прилеп, изведе повеќе нумери од својот репертоар.
На 11.10.2016 година делегација на АРМ предводена од бригаден генерал Зоран Милески положи свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски-Питу и Могилата на Непобедените во Прилеп.
На тактичко техничкиот збор на опрема и вооружување кој се реализира во центарот на Прилеп, присутните имаа можност да се запознаат со дел од артилериските орудија, инженериски и АБХ средства како и пешадиското вооружување и средства за врски со кои располага 1.мпбр.