Во изминатите неколку дена во Здружената Оперативна Команда (ЗОК) и потчинетите единици (пе) на ЗОК се спроведе хуманитарна акција во прибирање на прехрамбени производи, школски прибор, хигиенски средства и облека наменети за загрозените семејства, самохрани родители, деца и младинци од еднородителски семејства со социјален ризик.
Хуманитарната акција, која се одвива под мотото „Сите заедно да им помогнеме на загрозените семејства во Република Македонија“ се спроведе во сите гарнизони каде се сместени командите и единиците во состав на ЗОК со што припадниците на ЗОК и потчинетите единици несебично дадоа свој придонес согласно можностите.
Собраните хуманитарни средства беа предадени на претставници на здружението „Градиме Иднина“ од Скопје со чија соработка се одвиваше хуманитарната акција.
Претседателот на здружението лично прими дел од хуманитарната помош во гарнизонот Куманово, притоа заблагодарувајки се во име на загрозените семејства за кои помошта е наменета. Во оваа прилика врачи благодарници за несебичната помош која припадниците на Армијата на Република Македонија секогаш ја пружаат онаму каде таа е најпотребна.