Заменик на командантот на ЗОК, бригаден генерал Павле Арсоски оствари средба со штабните офицери на АРМ кои заминуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, а ќе бидат распоредени во Мазар е Шариф во рамките на Командата за обука, советување и асистенција – Север.
Генералот Арсоски посакувајќи им успешна и безбедна работа на штабните офицери, нагласи дека со учеството во мисијата на НАТО во Авганистан, Република Македонија ја искажува силната заложба за полноправно членство во алијансата. Изразувајќи цврсто убедување дека штабните офицери на АРМ достојно ќе ја претставуваат Република Македонија, генералот изрази подготвеност за секаков вид на поддршка кон нив од страна на Здружена оперативната команда.
За време на средбата, генералот Арсоски им порача дека од нив се очекува достојно и професионално извршување на задачите со што би го задржале и унапредиле нивото на нивните претходници, за што се добиени и многу признанија од надлежните авторитети.
На штабните офицери им претходеше соодветна стручна подготовка, што претставува потврда за успешно извршување на мисијата и одговор на предизвиците со кои ќе се соочат во следните шест месеци на должностите во рамките на командата – Север во Мазар е Шариф, Авганистан.