Денес (10 јуни) во Здружената Оперативна Команда (ЗОК) се реализира свечен прием на припадниците на АРМ кои ќе бидат во состав на четвртата ротација на силите за обезбедување на главната команда на мисијата „Одлучна Поддршка“, во Кабул, Авганистан.
За време на приемот, командантот на ЗОК, генерал мајор Васко Ѓурчиновски потенцираше дека од овој состав се очекува беспрекорно извршување на доделената мисија и задачите, и продолжување на веќе поставените високи стандарди кои припадниците АРМ ги воспоставија низ учеството во досегашните мировни мисии, со што истите се вистински амбасадори на мирот и афирматори на АРМ и Република Македонија.
Четвртата ротација на силите за обезбедување ќе има задача да ја обезбедува командата на мисијата „Одлучна Поддршка“ во Кабул, ИР Авганистан заедно со припадниците на армијата на САД.
Покрај составот за обезбедување, Армијата на Република Македонија во мисијата „Одлучна Поддршка“ учествува и со штабен персонал во Командата Север и во Командата за обука и асистенција во Кабул.