Денес во кругот на Техничкиот Ремонтен Центар (ТРЦ) – Скопје со воена свеченост во присуство на командантот на брЛП, полковник Мухарем Мухареми се изврши примопредавање на должноста командант на ТРЦ помеѓу потполковник Саше Јакимовски и потполковник Чедомир Јовевски.
Во говорот, пред присутните гости командантот на брЛП, полковник Мухарем Мухареми изрази благодарност на потполковник Саше Јакимовски во мудрото користење на стекнатото искуство и вешто искористување на расположливите капацитети и ресурси на ТРЦ. Исто така, на новиот командант му посака многу успех при извршување на должноста и работните задачи. На крајот од говорот им порача на припадниците на ТРЦ посветено професионално и ефикасно да продолжат со понатамошната изградба на единицата.
Досегашниот командант, потполковникот Саше Јакимовски истакна дека во изминатите седум години имал чест да се биде командант на единица за одржување од највисоко ниво во АРМ, единица која располага со високо квалификуван персонал и дека е предизвик да се одржи континуитет на постигнатото ниво и надградба на истиот.
Новопоставениот командант потполковник Чедомир Јовевски истакна дека целосно е свесен за предизвиците кој следат, но и за тоа дека силата ќе биде во сплотеност и во тимската работа. На претходниот командант потполковник Јакимовски му искажа благодарност за професионалноста која несебично е вложена во изградба на ова што денес е Техничкиот Ремонтен Центар.
СС/ЗВ/ЧС/БН