Во период од 10 до 21.06.2024 година, одделение од составот на Баталјонот на Воена полиција (бВП), со две моторни возила, учествуваше на воено-полициска тактичка вежба „Platinum Wolf 24“ на полигонот „Боровац“ во близина на Бујановац, Р. Србија.
Покрај припадниците на бВП на воено-полициската вежба учествуваа и припадници од Србија, Босна и Херцеговина, Романија, САД, Обидинетото Кралство, Италија и Унгарија, како и инструктори од Србија, Италија, Обединетото Кралство, Бугарија, Словенија и Германија, со кои нашата Армија има воспоставено соработка од доменот на службите на Воена полиција. Вежбата имаше за цел да ја унапреди синхронизацијата и координацијата на способностите за изведување на воено-полициски задачи помеѓу армиите од земјите учеснички на вежбата.
Како и досега, припадниците на бВП со своето професионално и одговорно однесување придонесуваат за одлична можност за афирмација и подобрување на угледот на единицата како и на Армијата во целост на меѓународно ниво.
За време на вежбата, одделението заедно со другите учесници реализираа обука на повеќе теми и тоа: тактики, техники и процедури во мировните операции, несмртоносно оружје, како и операции за поддршка на мирот. На вежбата беше демонстрирано високото достигнато ниво на интероперабилност и способност за интеграција во меѓународните сили при извршување на операции со висок интензитет.
Со учеството на припадниците на бВП на вакви мултинационални тактички вежби се овозможува подобро разработување на процедурите, техниките и тактиките во организирањето и изведувањето на воено-полициски задачи согласно НАТО стандардите.