Денес во касарната „Боро Менков“ во Куманово, командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал-мајор Павле Арсоски, на најдобрите припадници од командата и потчинетите единици, со постигнати 300 поени во сите дисциплини на проверката на физичката подготвеност, им додели пофалница за остварените врвни резултати на проверката.
Помеѓу пофалените припадници има офицери, меѓу другото и командант на баталјон, подофицери од сите првопотчинети единици на ЗОК, меѓу кои и припадничка од составот на воена полиција и секако професионални војници. Посебно за истакнување е професионализмот и посветеноста на десетар Дејанчо Трајанов од 4. механизиран пешадиски баталјон од 1. механизирана пешадиска бригада кој со полни 44 години ги освои максималните 300 бода на проверката.
Во обраќањето кон „најдобро физички подготвените припадници на ЗОК“, генералот Арсоски истакна дека физичката подготвеност, покрај обученоста во ракувањето со личното вооружување, претставува еден од темелните сегменти на борбената готовност на АРМ. За современиот војник да го сочува здравјето, да ја одржува и подигне работната способност и да го продолжи работниот век, императив треба да му биде одржувањето на физичката подготвеност, која постепено ќе премине во начин на живот.
Овие стимулативни мерки во почетокот на 2019 година, треба да послужат како поттик за сите припадници на АРМ за постигнување на уште подобри резултати во понатамошната работа и пример како треба да се залагаат во извршувањето на функционалните и поставените задачи.
ЧС/ИМ/ПА