Како завршна активност на процесот на обука во првото полугодие во 2021 година, во периодот од 15.06. до 17.06.2021 година, баталјонот за врски реализираше вежба со чета за врски и вежба на командно место. Вежбовните активности се изведуваа теренски во реонот на Скопје и касарната „Илинден“.
Со воспоставување на различни видови на врски, баталјонот за врски изврши интеграција на мобилната и стационарната компонента на глобалниот комуникациско информациски систем на Армијата. Притоа, преку формираните подвижни комуникациско информациски центри, сите планирани комуникациски и информатички сервиси беа достапни до крајните корисници во теренски услови.
Во текот на повеќедневната експлоатација на врските, во различен режим на работа, како во дневни така и во ноќни услови за работа, администраторите на информатичките мрежи и операторите на станиците за врски од баталјонот за врски го потврдија високото ниво на обученост и подготвеноста за работа во сложени услови, како предуслов за извршување на мисијата на единицата.
Реализацијата на ваков тип на активности е придонес во надградбата на стручните знаења и вештини на целокупниот персонал во единицата.
ДД/ЧС