На ден 21.12.2016 година, во бригадата за логистичка поддршка (брЛП), воено-медицинскиот центар (ВМЦ) свечено го одбележа 21-ви декември денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа: претставници од генералштабот на Армијата на Република Македонија (ГШ на АРМ), здружената оперативна команда (ЗОК), брЛП, команданти на бригади и баталјони од составот на АРМ, поранешни команданти и други гости.
Командантот на брЛП, полковник Васко Тошевски, честитајќи им го денот на единицата пред присутните, истакна дека за него е од посебна чест, единица со ваков состав и со ваква специфичност да се наоѓа во состав на брЛП која ја реализираат поддршката на единиците. „Сведоци сме дека во изминатата година, припадниците од ВМЦ беа рамо до рамо со останатите единици на Армијата на Република Македонија во справување со последиците од поплавите во Скопскиот и Тетовскиот регион и во поддршка на единиците на АРМ кои се ангажирани за испомош на полицијата во обезбедувањето на државната граница. Да се биде дел од военото здравство, покрај стручноста потребна е дополнителна храброст, пожртвуваност и посветеност по што нашите претставници се препознатливи, како во земјата така и со нивното учество во меѓународните вежби и мировни операции. Потврда за нивната професионалност се добиените високи признанија и одликувања, што нас не прави посебно горди“.
Командантот на ВМЦ, потполковник Ирена Минева нагласи дека и претставува особена чест и задоволство да се обрати на луѓето кои секојдневно и несебично со својот огромен ентузијазам, стручно и професионално ги зачувуваат животите и здравјето на припадниците на Армијата на Република Македонија и на граѓаните на Република Македонија.
На свеченоста, по повод денот на единицата беа прочитани и доделени стимулативни мерки за постигнатите резултати во работењето на дел од припадниците на ВМЦ.
Со одлуката на Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на вооружените сили, 21-ви декември е одреден за ден на ВМЦ, со традиции на денот кога е извршена промоција и свечено отворање на центарот како највисока медицинска установа во Армијата.