Согласно програмата за меѓуармиска соработка помеѓу армиите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави за тековната 2017 година, во периодот од 27.03. до 30.03.2017 година, во Воено медицинскиот центар во Скопје, Република Македонија, се реализираше обука на тема: „Медицински преглед на персоналот пред упатување во мисија“ (Macedonia Pre Deploy Health Screen Familiarizations ) со акцент на подготвеноста за упатување во мисија на персоналот на АРМ.
Тежиште беше дадено на здравствената проценка пред упатување во мисија, како и заштита на здравјето на силите при извршување на мисиите, а преку развивање на здравствени превентивни програми како дел од целокупната борбена готовност на АРМ.
Покрај персоналот на Воено медицинскиот центар учество на активноста земаа и претставници од сите нивоа во АРМ. Сите активности кои се реализираа беа во насока на Мултинационалната Интероперабилност и подготвеност на единиците при упатување во мисија.
За време на обуката учесниците докажаа дека АРМ поседува стручен персонал, способен за давање на здравствена заштита и проценка на персоналот на АРМ пред упатување во мисија, но научените лекции и разменетите искуства со припадниците од армијата на САД ќе бидат од голема корист во понатамошното усовршување на персоналот на АРМ, а посебно на припадниците на Воено медицинскиот центар.