
Мисија:
Мисија на хеликоптерскиот сквадрон е да врши воздушна поддршка на единиците на Армијата, учествува во НАТО операции и поддршка на националните субјекти при елементарни непогоди и катастрофи.
Задачи:
Примарни задачи:
- Воздушен транспорт на трупи;
- Воздушен транспорт на товар (внатрешен и надворешен);
- Воздушен транспорт на опасни материјали;
- Операции за извлекување на персонал (PR);
- Операции за барање и спасување (SAR);
- Евакуација на ранети и повредени (CASEVAC);
- Операции за извидување од воздух;
- Операции за борбена заштита на копнени и воздухопловни сили;
- Лесна воздушна огнена поддршка на копнените сили на Армијата.
Секундарни задачи:
- Гасење на пожари;
- Операции за доставување на хуманитарна помош при елементарни непогоди и катастрофи;
- Воздушен VIP транспорт.
Потполковник Феми Љумани
Потполковник Феми Љумани е роден на 24.10.1981 година во Ресен, Република Северна Македонија. Основно образование завршува во родното Крани, додека средно завршува општа гимназија во Дебар. Во 2000 година се запишува на Воена Академија „Ген. Михајло Апостолски“ во Скопје и дипломира во 2004 година како офицер на родот авијација. Воената кариера ја започнува како пилот на селекција на авион Zlin 242. во школско тренажен сквадрон. Во 2008 година успешно ја завршува обуката за пилот на авион. Во 2009 година преминува на хеликоптер Ми-8/17 во тогашен Транспортен Хеликоптерски Сквадрон. Во досегашната кариера извршувал повеќе командни и штабни должности на ниво на флајт и сквадрон, меѓу кои: командир на пилотски флајт, Офицер за безбедност по летање, заменик командант и началник на штаб во Хеликоптерски Сквадрон. Од 16.05.2022 година е поставен за Командантот на Хеликоптерски Сквадрон. Пилот е на хеликоптер Ми-8/17. Учествувал на повеќе воени вежби во државата и во странство, меѓу кои Блесок, Предизвик, Adriatic Strike и други. Во надградување на военото образование има завршено курс за командир на флајт во Плевен, Р. Бугарија, курс за безбедност по летање во Измир, Турција, курс за инструктори по летање во Македонија и Воздухопловна Командно Штабна Академија во Максвел, Алабама, САД. Во текот на кариерата повеќе пати е наградуван и пофалуван. Активно го користи англискиот јазик. Потполковник Феми Љумани е оженет, татко на две деца.
Во досегашната кариера ги извршува следните должности:
- Пилот во школско тренажен сквадрон, 2004-2008 година;
- Пилот во транспортен хеликоптерски сквадрон 2009-2012 година;
- Командир на летачки флајт во транспортен хеликоптерски сквадрон, 2012-2015 година;
- Началник на штаб – заменик командант во сквадрон за транспортни хеликоптери 2020 година;
- Началник на штаб – заменик командант хеликоптерски сквадрон 2021-2022 година;
- Командантот на хеликоптерски сквадрон, од Мај 2022 година.
Унапредувања:
- Потпоручник 2004-2006;
- Поручник 2006-2009;
- Капетан 2009-2014;
- Мајор 2014-2018;
- Потполковник од 2018.

Како ден на единицата, воедно и ден на военото воздухопловство се слави 10-ти јуни, денот на отпочнување на летачка обука со авион Утва 75, во 1992 година.
1992 година
- Со одлуката на претседателот на Република Македонија, Македонското Воено воздухопловство и противвоздушна одбрана беше формирано на 10-тиаприл 1992 година. Во состав на ВВ и ПВО беше транспортната хеликоптерска ескадрила, чиј наследник е денешниот хеликоптерски сквадрон.
1994 година
- На 28-мијуни 1994 година стигна првиот од набавените четири транспортни хеликоптери од типот Ми-17, со кои се опреми транспортната хеликоптерска ескадрила. Оттогаш основната и борбената обука се извршуваше на овие хеликоптери.
- Сквадронот на транспортни хеликоптери извршуваше мисии на транспорт, ВИП транспорт, гасење на пожари, вежби на ПзМ, медицинска евакуација, барање и спасување и други мисии.
- На 5ти Јули „Ден на хеликоптерски сквадрон“ беше реализиран првиот лет со хеликоптер Ми-17 од комплетно македонски екипаж, датум кој подоцна беше усвоен како ден на единицата.
2001 година
- Во текот на 2001 година, транспортната хеликоптерска ескадрила беше опремена со уште четири хеликоптери од типот Ми-8.
2006-2008 година
- Единицата учествуваше во 4 ротации на мировна мисија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, во време од јули 2006 до јули 2008 година.
2008-2025 година
- Единицата зема учество во бројни национални и меѓународни вежби во земјата и во странство како што се „Одлучен Удар“, „Аdriatic Strike“, „Македонски Блесок“, „Здружена реакција“, „КФОР“, „Decesive Strike“, „SWIFT RESPONSE“, „БЛЕСОК“ и вежбата „Operation Swan“.
2024 година
- Потпишан е договор со компанијата LEONARDO за набавка на четири нови хеликоптери АW149 и четири нови хеликоптери АW169М.







