Во пресрет на одбележувањето на 10 Јуни – Денот на воздухопловниот ВИНГ, во периодот пред централната свеченост беа реализирани повеќе активности насочени кон зајакнување на соработката со локалната заедница, промоција на хуманите вредности и унапредување на колективниот дух кај припадниците на единицата.
Во таа насока, командантот на воздухопловниот ВИНГ, полковник Драган Павловски, на 8 јуни оствари работна средба со градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно унапредување. Воедно беше реализирана и хуманитарна акција во ООУ „Кочо Рацин“ во Петровец, при што беа донирани сокови за сите ученици во училиштето.
Како дел од одбележувањето беше спроведена и крводарителска акција во соработка со Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина, при што припадниците на воздухопловниот ВИНГ даруваа 55 единици крв. Дополнително, беа организирани спортско-рекреативни активности и натпревари во повеќе дисциплини, со цел јакнење на тимскиот дух, физичката подготвеност и меѓусебната соработка меѓу припадниците на единицата.
Реализацијата на овие активности претставува уште една потврда на посветеноста на воздухопловниот ВИНГ кон негувањето на воената традиција и вредностите што ги обединуваат неговите припадници, истовремено придонесувајќи за јакнење на довербата и соработката со локалната заедница.








