Денес, 16.10.2018 година, во касарна „Илинден“ – Скопје, започна оценувањето на декларираната чета на воена полиција на мирновремена локација. Активностите во текот на денот продолжуваат со нејзина дислокација, следење на маршевската колона од касарна „Илинден” – Скопје до логорската просторија на АП „Криволак“.
Вториот дел од целта на вежбата „Македонски Блесок-14“, се реализира во кампот за обука (КО) „Пепелиште“, со медицинско оценување на копнената маневарска болница (КМБ) – улога 2.
Фокусот на еден дел од учесниците на вежбата е да ја презентираат и да ја оценат борбената готовност на декларираната чета на воената полиција, за извршување на мисијата во пет различни области: планови, операции, логистика, врски и администрација.
Оценувањето се изведува во 2 фази и тоа оценување на мирновремена локација и на терен. Останатиот дел од учесниците е насочен кон внатрешното медицинско оценување на КМБ улога-2, преку четири различни области: персонал, опрема, процедури и функционалност.
За секоја област се одредени лидери на тимови и соодветен број на оценувачи, зависно од обемот на оценувањето.
Оценувањето го реализираат национални оценувачки тимови, соодветно поддржани од оценувачи од Босна и Херцеговина и Србија, а валоризација на процесот на НАТО оценување ниво 2 на декларираната чета на воената полиција го врши тим на монитори од Здружената команда за операции на НАТО од Неапол.
ЗА/ЗВ