Постариот водник 1 класа Иљчо Станикевски, припадник на Центарот за обука на питомци/КОД, учествуваше на 18. зимски камп на армиите на НАТО и Партнерство за мир (ПзМ), што се одржа во Покљука, Словенија, од 24 до 31 јануари 2025 година. На кампот учество земаа претставници од 23 земји членки на НАТО и ПзМ вклучувајќи ја и земјата домаќин. Кампот послужи за поттикнување на меѓународната воена соработка и интероперабилност преку серија активности и обука во тешки зимски услови.
За време на кампот, постариот водник 1 класа Станикевски учествуваше во различни вежби наменети за подобрување на воените вештини во зимски услови кои вклучуваат алпско и нордиско скијање, операции за спасување од лавини, кондициони маршеви и воен натпревар во биатлон. Значаен дел од програмата беше и штабното извидување на позициите на италијанските вооружени сили и изработката на студија на случај за „Битката кај Соча – Кобарит“ од Првата светска војна, која даде вредни историски и стратешки согледувања.
Дополнително, активностите за градење тим го зајакнаа меѓусебното разбирање и соработката меѓу учесниците. Покрај ригорозните обуки, кампот служеше и како платформа за професионално вмрежување, размена на знаења и споделување на најдобрите практики меѓу подофицерите од различни нации. Преку формални и неформални интеракции, учесниците придонесоа за подобрување на соработката меѓу армиите на НАТО и ПзМ. Ангажманот на постариот водник 1 класа Иљчо Станикевски во кампот не само што ја покажа неговата професионална посветеност и вештини, туку и ја зајакна посветеноста за зајакнување на партнерствата и оперативната ефикасност во предизвикувачки зимски услови.