Во текот на вчерашниот ден во реонот на селото Огњанци општина Петровец дел од припадниците на Ренџерскиот баталјон од составот на полкот за Специјални Операции (пСО) реализираа тактички марш.
Со цел подигање на нивото на соработка со цивилното население, командата на баталјонот и дел од припадниците на Ренџерскиот баталјон предводени од командантот потполковник Блерим Исмаили ја искористија можноста тактичкиот марш да го спојат со хуманото и корисното. Беше остварен контакт со локалното население. Припадниците на баталјонот заедно со авторитетите од селото донираа прехранбени артикли на неколку семејства каде за тоа имаше потреба, воедно беше посетено и основното училиште „Кочо Рацин“. Убавото време после завршетокот на маршот беше искористено за дружба со локалното население. Во текот на активноста единицата која маршираше и локалното население беа посетени од страна на командантот на пСО, бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев.
Задоволството од успешно реализираната активност беше изразено низ коментарите на локалното население и припадниците на единицата, а задоволството кај најмладите беше изразено низ нивните насмевки.