Во касарната „Боро Менков“ во Куманово со пригодна свеченост и почитување на сите мерки за заштита од COVID-19 беше одбележана 22 годишнината од формирањето на СЕЕБРИГ (Бригада на Југоисточна Европа), а воедно беше извршено и примопредавање на должноста „Претседавач на Политичко Воен Управувачки Комитет (ПВУК) и Координативен Комитет на SEDM (South-East Europe Defense Ministerial).
На свечената церемонија свое обраќање имаа Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, Заменик на министерот за одбрана на Албанија, Далендише Бици, во име на претседавачот во заминување од Албанија, заменик на началникот на ГШ на ВС на Република Бугарија, генерал-потполковник Димитар Илиев, во име на новоназначениот претседавач на процесот SEDM од Бугарија и командантот на SEEBRIG, бригаден генерал Арестеидис Илиопулос.
Во рамки на денешната свеченост, на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, им беа врачени плакета од Комитетот на SEDM и плакета по повод одбележувањето на 22 годишнината од формирањето на СЕЕБРИГ.
Штабот на СЕЕБРИГ од август 2020 година е лоциран во касарната „Боро Менков“ во Куманово и тука ќе остане до средината на 2026 година. Со свои единици во СЕЕБРИГ учествуваат следните земји: Република Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција.
Декларираните единици во Бригадата од земјите-членки, остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани по принципот на наменски сили за вежби и операции, по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет.
JM/БН