По повод дваесет години од трагичното загинување на припадниците на Армијата кај месноста Вејце, со полагање на свежо цвеќе пред спомен обележјето пред Баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“ се оддаде почит на четворицата припадници од оваа единица.
Во чест на загинатите Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костески, венци со свежо цвеќе положија министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, делегации од Баталјонот за специјални сили и командите на единиците на Армијата, МВР, претставници на семејствата и други.
Во име на припадниците на единицата пред присутните во знак на сеќавање и незаборав на прерано згаснатите животи, се обрати командантот на Баталјонот за специјални сили потполковник Оливер Зариоски.
На денешен ден во 2001 година кај селото Вејце, во околината на Тетово загинаа осум припадници на безбедносните сили од кои четворица беа од редовите на Армијата, а останатите четворица од составот на МВР.
`