Припадници на Воениот оркестар од Баталјонот за почести од 1 до 4 декември, како резултат на одличната меѓуармиска соработка учествуваа на активности по повод одбележувањето на 110-годишнината од создавањето на Вооружените сили на Република Албанија.
Со учеството во дефилето на воени оркестри по „Главниот булевар на националните херои“ и настап на сцената на „Конгресната палата“ во Тирана тие го збогатија свеченото одбележување на овој значаен датум за Вооружените сили на Република Албанија.
Заедно со Симфонискиот оркестар, Хорот и Дувачкиот оркестар на Вооружените сили на Република Албанија, како и воените оркестри од Словенија, Хрватска, Косово, Франција, Италија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Грција, сцената на „Конгресната палата“ изобилуваше со прекрасни и разновидни бои од државните и знамиња и свечените униформи на претставниците од НАТО армиите.
Со ова гостување во Република Албанија Воениот оркестар на Армијата ја продолжува низата на заеднички концерти и настани со оркестри од сојузничките НАТО армии.