Вчера, 14.04.2014 година, Воениот оркестар на Армијата на Република Македонија, настапи со целовечерен концерт во големата сала на Македонската опера и балет (МОБ) со кој беше свечено затворена манифестацијата „Денови на македонската музика“.
На оваа реномирана музичка манифестација, Воениот оркестар за прв пат настапи под диригентската палка на Сашо Татарчевски, при што специјално за оваа прилика како гостин заедно со оркестарот настапи саксофонистот Стив Теми од Оркестарот на маринците на САД. Синоќа, пред исполнетата сала на МОБ, публиката имаше можност да ја проследи премиерната изведба на музички дела обработени за Воениот оркестар од познатите македонски музички автори: Илија Илиевски, Кокан Димушевски, Александар Џамбазов, Илија Пејовски, Благој Цанев, Глигор Смокварски, Томе Манчев и Џон Вилијамс.
Во оваа прилика, Воениот оркестар на АРМ уште еднаш ги покажа своите огромни можности, а аплаузот на сцената на МОБ, уште повеќе го издигнаа како музички состав со високо стручно реноме, кој после овој настап се етаблира и како значаен чинител во развојот на македонската музичка култура.
Настапот на Воениот оркестар на „Денови на македонската музика“ претставува продолжување на проектот од цивилно-воената соработка, чија цел е АРМ да биде поблиску до граѓаните, заради што и во текот на 2014 година се предвидени настапи низ повеќе градови на Република Македонија.