Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес во Генералштабот на Армијата, оствари проштална средба со командантот на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), бригадниот генерал Билбил Битри, по повод затворање на мандатот на Командата на SEEBRIG во нашата држава и нејзиното преместување во Истанбул, Република Турција.
На средбата беа разменети мислења за досегашната соработка, при што генералот Лафчиски му се заблагодари на генералот Битри за неговото успешно раководење со SEEBRIG и придонесот во унапредувањето на регионалната воена соработка.
За време на шестгодишниот престој на Командата на SEEBRIG во касарната „Боро Менков“ во Куманово, Армијата обезбеди целосна институционална и логистичка поддршка за нејзиното функционирање, активно учествуваше со штабен персонал и декларирани единици, а беа успешно реализирани бројни обуки, работни состаноци и меѓународни активности. Во овој период беa реализирани компјутерски асистираните вежби со теренски елементи „SEVEN STARS 22“ и „SEVEN STARS 25“, со што уште еднаш беше потврдена високата интероперабилност и подготвеноста на земјите учеснички.
SEEBRIG е мултинационална бригада формирана во 1999 година во рамките на Процесот на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM), со цел зајакнување на регионалната воена соработка, довербата, стабилноста и интероперабилноста на вооружените сили на земјите членки. Согласно принципот на ротација, Командата на SEEBRIG од 2026 година ќе продолжи со својата работа во Истанбул, Република Турција, по шестгодишното успешно функционирање во нашата држава.








