Воениот оркестар на АРМ во склоп на активностите за одбележување на 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија одржа значаен концерт на воена музика во Домот на АРМ во Скопје.
Како и многупати досега Воениот оркестар од составот на баталјонот за почести изведе композиции од познати домашни и странски автори но и нови оригинални чекорници и маршеви пристигнати на конкурсот, распишан од Министерството за одбрана.
Изведбата на нови композиции со чекорници од композитори од Република Македонија има за цел збогатување на фондот на чекорници и композиции за Воениот дувачки оркестар посветени на Армијата на Република Македонија.
Воениот оркестар покрај изведбата на воени чекорници која имаше натпреварувачки карактер и на која се избраа победнички композиции изведе и повеќе маршеви од познати светски композитори кои се веќе дел од фондот на оркестарот меѓу кои од Петар Илич Чајковски, Џон Филип Соуса, Јохан Штраус и Џон Вилиамс.
Воениот оркестар во досегашниот период во соработка со локалните самоуправи во повеќе наврати реализира многубројни концерти низ Република Македонија, како и повеќе самостојни концерти во главниот град на Република Македонија.
Во текот на минатата година беа реализирани настапи во Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија, со што достојно да ја претставува Армијата на Република Македонија и на меѓународен план.