Традиционално во пресрет на 8ми Март, меѓународниот Ден на жената во Генералштабот се направи краток осврт на континуираното залагање за подобрување на родовата еднаквост во во армиските структури.
По повод Денот на жената, претставнички од командите и единиците на Армијата на средба со заменик на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин се осврнаа на активностите со кои се промовираат и развиваат принципите за еднакви можности на жените и мажите и родовата перспектива, како и состојбата со застапеноста на женскиот пол во Армиските редови.
Генералот Нуредин, упати честитки до сите припаднички на Армијата, оддавајќи им признание за нивната посветеност и професионализам при извршувањето на своите задачи.
Притоа се осврна на имплементацијата на родовата перспектива во Министерството за одбрана и Армијата, согласно резулуцијата 1325 од Организацијата на ОН, при што го истакна подобрувањето на процентот на застапеноста на женскиот персонал во Армијата, кој во моментот изнесува 10,14 % од вкупниот број на армиски припадници. Притоа се осврна на потребата од следење на трендовите на модерните армии во светот за зголемување на тој процент, како и за погололема застапеност во извршување на високи командни должности.
Од вкупниот персонал во Армијата на Република Северна Македонија, 10,14% се жени од кои офицери се 16,58%, подофицери 10,93%, професионални војници 5,56%, а жени цивили во Армијата има 33,82%. Трендот на подобрување на застапеноста на жените во структурата на Армијата продолжува, особено кај офицерскиот кадар, така да веќе со највисокиот чин полковник во Армијата имаме 4 полковнички и 33 потполковнички, а имаме добра бројка на жени – мајори, капетани и поручнички.