Во пресрет на меѓународниот ден на жената, а со цел истакнување на заложбите на Армијата за родова еднаквост и оддавање на признание за придонесот на армиските припаднички во активностите во кои е вклучена Армијата, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски денес оствари средба со припадничките од Генералштабот на Армијата.
На собирот во Генералштабот, генералот Лафчиски на припадничките на Армијата, со врачување на цвеќе, им честиташе за нивната посветеност и професионализам при извршување на работните задачи во спроведување на активностите на Армијата.
Генералот Лафчиски, во оваа прилика упати честитка и до припадничките на Армијата од потчинетите команди и единици, оддавајќи им признание за нивната посветеност и професионализам при извршувањето на своите задачи.
Во рамки на одбележување на овој ден, офицерот за родова еднаквост со уште три припаднички на Армијата имаше прием и кај претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова.
По повод меѓународниот ден на жената и во останатите команди и единици на Армијата на симболичен начин им се оддаде признание на сите припаднички на Армијата за нивната улога во извршување на работните задачи.
Во Армијата на Република Северна Македонија, за прв пат во 2020 година се интегрираше родовата компонента во Законот за одбрана и во Законот за служба. Воедно принципот на еднакви можности за мажите и за жените се инкорпорираше и во подзаконските акти и стратешките документи во Министерството за одбрана и Армијата.