Во пресрет на меѓународниот ден на жената со цел истакнување на заложбите на Армијата на Република Северна Македонија за родова еднаквост и оддавање на признание за придонесот на армиските припаднички во активностите во кои е вклучена Армијата, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес оствари средба со претставнички на понежниот пол од Генералштабот.
Преку остварената средба во кабинетот на началникот на Генералштабот, која се одржа во согласност со епидемиолошката состојба и почитување на мерките и протоколите за спречување на ширење на вирусот „Ковид-19“, генералот Ѓурчиновски пред претставничките од Генералштабот оддаде признание на сите припаднички на Армијата кои во изминатиот период со несебично вложување се вклучени во помагање на државните институции и граѓаните во справувањето со невидливиот непријател.
Помеѓу останатото на приемот стана збор и за интеграцијата на начелата на родовата рамноправност и трендот на сојузничките армии од НАТО, кои посветуваат особено внимание на зголемувањето на застапеноста на женскиот пол во армиските структури, но и за улогата која ја има жената и надвор од воената организација.
Меѓународниот ден на жената традиционално се одбележува со припадничките од понежниот пол од Генералштабот и останатите команди и единици на Армијата на Република Северна Македонија, но оваа година поради актуелната состојба со вирусот „Ковид- 19“ празникот ќе биде симболично обележан.
Во 2020 година достигнат е максимумот, согласно амбициите за постигнување на вистинска родова еднаквост. Со донесувањето на Вториот национален план и целите за одржлив развој на ООН, особено се внимава на Цел 5 „Родова рамноправност“ и цел 16 „Мир, правда и силни институции“.
Моменталната застапеност на жените во Армијата е 10%, наспрема 3,8% до 4,9% во 2014 година.
Нагорната линија ќе продолжи, а тоа како цел е зацртано во Оперативниот план според кој Министерството за одбрана ќе се стреми за годишен пораст од 30% на бројот на жените во Армијата, на раководните позиции во Министерството и во мисиите. Армијата и во наредниот период ќе продолжи со почитување на принципот на родовата еднаквост при поставување на жените на раководни и командни позиции, земајќи ги предвид поставените стандарди и стручноста.