Со церемонија на свечено затворање во кампот ,,Стрела“ на армискиот полигон ,,Криволак“ официјално се означи завршетокот на мултинационалната воена вежба „Одлучен удар 21“.
Пред стројот на учесниците на вежбата се обратија заменикот на командантот на Командата за операции, која е организатор и реализатор на вежбата, бригаден генерал Орце Јордев и директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски.
Во нивните обраќања беше оддадено признание на учесниците на вежбата за вложениот труд, напор и ентузијазам и вежбата официјално беше прогласена за затворена. Вежбата во потполност ја постигна својата цел за зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците, подобрување на интероперабилноста и унапредување на заемното разбирање и доверба и зајакнување на меѓусебната соработка меѓу земјите учеснички на вежбата.
Во текот на вежбата се вршеше постојана контрола на животната средина од страна на УГД од Штип и истражувањата покажаа дека нема предизвикано никакви штетни последици по здравјето на луѓето и природата.
На вежбата „Одлучен удар“ која е организирана од страна на нашата Армија учествуваа повеќе од 1500 припадници на вооружени сили на четири држави: Република Северна Македонија со копнени, воздухопловни и специјални сили, Соединетите Американски Држави (Национална гарда на Флорида 1-153 CAV и хеликоптери за медицинска евакуација-MEDEVAC), специјални сили од Грција и специјални сили од Бугарија.
ГЃ/ЧС