Доказ дека досегашните доделени највисоки признанија на наши припадници во мисиите на НАТО не се случајност е и прогласувањето на разводник Бобан Костоски,за најдобар војник во мисијата „Зајакнато истурено присуство“, односно „Enhanced Forward Presence“ (eFP) во Летонија.
Костоски е дел од артилериското одделение кое отпочна со активностите од декември 2022 година, ангажиран во операцијата во рамките на словенечкиот контингент во eFP – Летонија. Командантот на оваа борбена група, потполковник Крег Хигинс го прогласи македонскиот припадник за најдобар војник во текот на месец февруари за покажаната професионалност и мотивираност во изведување на активностите. Притоа од негова страна како знак на признание му е доделено симболично признание во вид на коин на мисијата.
Имено, на вежбата „Wolverine forge“ која се изведе во февруари, словенечкиот вод во чиј состав е и нашето артилериско одделение покажало најдобри резултати, а разводникот Костоски со својата мотивираност, подготвеност и посветеност во работата постави високи воени стандарди претставувајќи пример за останатите. Во овој период, тој достојно пред останатите припадници на контингенти во оваа борбена група ја презентираше хаубицата ТN 90 155 мм, а се пријави доброволно да работи на канадската хаубица M777 155 мм при што беше дел од учесниците во методско показна вежба со истата пред канадските генерали.
Со неговите резултати од работа, неговиот ентузијазам, желбата за докажување и обученост беше препознаен од претпоставените. Со ова уште еднаш гордо и достоинствено е презентирана Армијата и Република Северна Македонија во најдобро светло, како уште една потврда за квалитетите и знаењата кои ги поседуваат нашите припадници.