Со ниските температури, непредвидливи снежни бури и делови со 24-часовна темнина, Арктичкиот круг е една од најпредизвикувачките средини на Земјата. Кое е подобро место за нас да ги усовршиме вештините за војување со студено време?
Во периодот од 08.01.2023 до 06.02.2023 помлад водник Мишко Сиџимовски од Ренџерски баталјон учествуваше на ,,NATO Winter Instructor Course“ реализиран од НАТО школото за зимско војување во Елверум, Кралството Норвешка.
Целта на курсот беше на учесниците да им се пренесат неопходните индивидуални вештини, техники и процедури за да оперираат ефективно и безбедно во зимски услови.
Главниот фокус за време на целиот курс беше учесниците да се стекнат со знаење и вештини за борба, движење и одржување на борбена готовност во зимски услови со ограничена опрема каде што се прекинати нормалните линии за снабдување.
На инструкторскиот курс учествуваа 65 учесници од 13 сојузнички земји и тоа од вооружените сили на САД, Франција, Италија, Канада, Естонија, Велика Британија, Германија, Данска, Холандија, Шпанија, Португалија, Луксембург и Северна Македонија. Работејќи заедно со припадници од други вооружени сили, се извежбуваа техники за борба во ладно време во голем број сценарија на обука и борба со висок интензитет. Со температури до -30°C, учесниците се обучуваа во техники за преживување, безбедносни процедури за снежна лавина, па дури и во „борба на скии“.
Вештините и лекциите научени во планините и фјордовите на Норвешка можат да се применуваат на која било средина каде што македонските ренџери би оперирале во иднина. Идејата е дека: ,,Ако можете да оперирате на Арктичкиот круг, можете да оперирате секаде“.
Обученоста, издржливоста, моралот и физичката подготвеност успеаа да го издигнат македонскиот припадник Мишко Сиџимовски помеѓу најдобрите пет ново промовирани инструктори и да застане рамо до рамо со останатите припадници на НАТО членките.