Соработката на АРМ со Армијата на Вооружените сили (ВС) на САД за Европа и остварените средби на Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски со генерал-мајор Бен Хоџис продолжува во повеќе облици на активности од доменот на обуката на старешините на двете армии.
Како резултат на средбите во неколкудневна посета на Армијата на Република Македонија се наоѓаат група млади офицери од Вооружените сили на САД со цел размена на искуства и приказ на начинот на работа.
За време на денешната средба во ГШ, генералот Величковски пред младите офицери ја нагласи потребата од континуирана едукација и развивањето на нивните лидерски карактеристики кои се приоритет за нивниот професионален развој.
Во текот на следните денови припадниците на ВС на САД ќе посетат дел од единиците и капацитетите на АРМ, каде ќе имаат можност да се запознаат со процесот на изведувањето обука како и да разменат мислења и искуства со своите колеги за предизвиците со кои се соочуваат во текот на извршувањето на секојдневните задачи.
Исто така планирана е обиколка на припадниците на АРМ кои се распоредени на јужната граница, каде во реална ситуација ќе можат да ги проследат мерките и процедурите кои АРМ успешно ги спроведува во справувањето со мигрантската криза.