По повод 18 – ти Август – Денот на АРМ, денес, 14 -ти август, во Домот на АРМ, беше приреден ручек за поранешните Началници на Генералштабот на АРМ и пензионираните генерали од АРМ. На ручекот присуствуваа министерот за одбрана на Република Македонија Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, Заменик министерот за одбрана на Република Македонија Емил Димитриев, Заменик-Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Насер Сејдини и директорот на ГШ на АРМ бригаден генерал Димче Петровски.
„Вие оставивте белег во АРМ, вие сте мои и наши учители. Армијата е и ќе остане ваша куќа„ рече генералот Котески во обраќањето пред пензионираните генерали. Денешниот ручек, посочи Началникот на ГШ е и начин на споделување на информации и мислења поврзани со процесите на трансформација на АРМ.
Воедно во домот на АРМ по повод 18-ти Август – Денот на АРМ, Министерот за одбрана ја отвори Изложбата на фотографии од позначајни настани во Министерството и во АРМ, од животот и работата на припадниците на АРМ, како и на поголем број плакети, значки, монети, армиски признанија, ознаки и сл. Во рамките на поставката беа изложени и знамиња на единиците на АРМ кои не се во употреба, а за прв пат пред јавноста е изложено највисокото одликување – Орденот за воени заслуги, кој се доделува од страна на претседателот на Република Македонија.