Денес во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево со воена свеченост припадниците од 4. механизиран пешадиски баталјон (4.мпб), традиционално го одбележаа 21-ви Мај, Денот на Единицата.
На свеченоста со пригодни говори се обратија командантот на 4.мпб потполковник Боро Латкоски и командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) бригаден генерал Мирче Ѓоргоски кои во своите говори се навратија на историјата на единицата, ангажирањето во изминатиот период, сегашните ангажирања и активностите кои и претстојат.
На воената свеченоста првиот вод од првата чета беше прогласен како најдобар вод од составот на баталјонот, на кој му беше предадено пехар и знаме за најдобра единица, а воедно се доделија стимулативни мерки на персоналот кој најмногу се истакна во изминатиот период.
Во пресрет на денот се организира и реализира крводарителнa акциja на која персоналот ја покажа и потврди својата хуманост доброволно дарувајќи крв.
Од формирањето на АРМ во 1992 година, 21 мај беше одбележуван како ден на единиците кои беа стационирани во гарнизонот Кичево, 13.пешадиска бригада и 2.механизирана пешадиска бригада (2.мпбр), кои беа носители на традициите на одбележување на овој значаен датум од историјата на НОБ.
По тој повод на денешната свеченост покрај НГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски како поранешен командант на 2.мпбр присуствуваа и другите поранешните команданти од оваа бригада, генералите од АРМ, команданти на потчинети команди и единици на ГШ на АРМ и пензионирани старешини од составот на единицата, претставници од државната управа, јавните установи и служби, претставници на единиците на локалната самоуправа во зоната на одговорност на единицата како и правни и физички лица со кои единицата има соработка.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов за ден на 4.мпб, одреден е 21 Мај, како единица која ги продолжува и негува традициите од формирањето на Кичевско – Мавровскиот партизански одред.