Во касарната „Н.Х. Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, со воена свеченост, припадниците на 3.механизиран пешадиски баталјон (3.мпб) го одбележаа денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа заменик командантот на здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Павле Арсоски, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, команданти на потчинети единици и началници на секции од 1.мпбр, 2.логистички баталјон (2.лб), поранешни команданти и пензионирани припадници на единицата, претставници од локалната самоуправа, владините и невладините организации, здруженија, верски заедници, претставници од државниот и приватниот сектор, претставници на медиумите и други гости.
Бригадниот генерал Павле Арсоски честитајќи го денот на единицата меѓу другото истакна „Вашиот и мојот баталјон секогаш бил и сеуште е еден од најдобрите, без разлика во каква повисока воена формација делува“.
„Да се биде во стројот на 3. механизиран пешадиски баталјон, кој е дел од организациско-формациската структура на 1. механизирана пешадиска бригада, претставува чест и обврска“, нагласи во својот говор генералот Мирче Ѓоргоски.
Командантот на 3.мпб во своето пригодно обраќање по повод Денот на единицата рече дека денешната свеченост, е уште една прилика да се потсетиме на нашите славни предци и нивните херојски дела“ истакна.
На свеченоста по повод денот на единицата беа прочитани честитки и стимулативни мерки за припадниците на единицата, додека оклопно-извидувачкиот вод од командна чета беше прогласен за најдобар од составот на единицата.
Покрај стимулативните мерки и културно-уметничката програма, припадниците на 3.мпб пред многубројните гости реализираа и тактичко-технички (ТТ) збор на дел од вооружувањето и опремата со која располага единицата.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, 27-ми Август е прогласен за „Ден на 3.мпб“, во чест и сеќавање на традициите од 15-та Поречка ударна бригада која била формирана на овој ден во далечната 1944 година.