Со отворањето на Работилницата за спецификација на вежбата (EXSPEC), на 27.11.2017 година, на КО „Пепелиште“, започна процесот на планирање на уште еден циклус од вежбите „Македонски Блесок“.
Групата за планирање на вежбата, под водство на директорот на МБ-14, потполковник Игор Манасовски, во текот на работилницата до 30.11.2017 година, преку функционална експертиза ќе ги дефинира целите на вежбата, како и алатките кои ќе обезбедат одржлив концепт на вежбата. Спецификацијата на вежбата и севкупниот процес на планирање е базиран на НАТО Директивата за планирање на вежби, Bi-SCD 075-003, како и планот за оценување на декларираните единици на АРМ, согласно концептот за оперативни способности.
Директорот на вежбата во воведното обраќање ги пренесе насоките на командантот на ЗОК, кои во основа обезбедуваат МБ-14 да создаде услови како за пре-оценување на четата на Воена Полиција, така и можности за обука и подготовка на Полската Болница со улога-2 за исполнување на преземените обврски. Понатаму, вежбата ќе биде отворена за учество и на партнерските капацитети, со дефинирање на јасни цели на обуката, во рамките на Планирачкиот процес. Активностите и планот за реализација на работилницата ги презентираше кодиректорот на вежбата, потполковник Јонче Лазаревски кој ги изнесе општите информации, составот, фазите за реализација и временската рамка за реализација на вежбата.
Според специфичноста на задачите и обврските на учесниците, работилницата за изработка на спецификацијата на вежбата беше организирана преку работа по синдикати.
Планирачкиот процес продолжува во месец јануари 2018 година со Работилница за изработка на планот за вежбата која ќе се одржи во периодот од 22 до 26 јануари 2018 година.