Како дел од планираните посети на единиците на АРМ со цел непосредно согледување на состојбите во АРМ, во текот на денешниот ден Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, во придружба на НГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, остварија посета на Командата за обука и доктрини (КОД) стационирана во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес.
Во рамки на денешната активност од страна на Врховниот командант, НГШ на АРМ, Амбасадорот на САД во Р. Македонија Н.Е. Џес Бејли и официјално се отвори и во оперативна функција се стави Центарот за симулации чие опремување е донација од САД.
За време на посетата Врховниот командант ги обиколи и сместувачките и капацитетите за обука на КОД, каде се запозна со условите за престој и работа, притоа оствари средба со војниците на доброволно служење на воениот рок, а го посети и тековниот курс за први подофицери.
Од страна на раководните структури на КОД и ГШ на АРМ пред претседателот Иванов се презентираа улогата, значењето и активностите кои оваа команда ги има во процесот на обуката, а воедно беше презентирана и воено стручната литература изработена во годината кога АРМ одбележува 25 години од своето формирање.
Во изјавите пред новинарите по повод отворањето на Центарот за симулации генералот Величковски упати благодарност за конкретната поддршка од САД и ставањето во функција на овој капацитет. Основната придобивка на центарот е можноста за обука на командите и штабовите да се подигне на повисоко ниво со дополнителната можност на центарот за симулации да се поврзе во мрежата на сите центри во регионот.
Амбасадорот Бејли, појасни дека со инвестицијата во овие симулатори ќе се овозможи подигање на подготвеноста на офицерите и можноста за изведување на операции и во реални услови.
На крајот од посетата Претседателот Иванов, генералот Величковски, амбасадорот Бејли, придружувани од генералите во АРМ, командантот на КОД, имаа заеднички ручек со граѓаните на Република Македонија кои доброволно го отслужуваат тримесечниот воен рок по кое завршување ќе можат да конкурираат за стапување во служба во професионалниот состав на АРМ.
Командата за обука и доктрини е единствена команда во АРМ чија мисија е организација и реализација на индивидуална обука на војници, питомци, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав, поддршка на колективната обука на командите и единиците и развој на Доктрините и научените лекции во Армијата на Република Македонија.