Со полагање на свежи цвеќиња на спомен обележјата на хеликоптерската несреќа од 2008 година, во која враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина, трагично загинаа единаесет припадници на АРМ, се одбележаа десет години од овој трагичен настан.
На одбележувањето на хеликоптерската несреќа на спомен одбележјето во Катлановско Блаце, свежо цвеќе положија: делегации од министерството за одбрана, предводена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ГШ на АРМ предводена од заменикот на НГШ на АРМ, генерал мајор Мухамет Рацај, кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Здружената оперативна команда (ЗОК), воздухопловната бригада(вбр), 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) и членовите на семејствата на загинатите припадници.
Пред спомен одбележјето на загинатите припадници на АРМ во касарната „Бутмир“ во командата на мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, положија свежо цвеќе делегации на МО и АРМ, припадниците на македонскиот контингент и командата на во мисијата АЛТЕА.
Претходно, делегации од МО, ГШ на АРМ,ЗОК, вбр и 1.мпбр положија свежо цвеќе и на спомен обележјето пред командата на вбр во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец.
Во хеликоптерска несреќа која се случи пред десет години кај катлановско Блаце, животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.