Денес, 16 октомври 2013 година (среда) во раните утрински часови, декларираната Средна пешадиска баталјонска група (СПБГ) успешно изведе марш од касарната „Боро Менков“ во Куманово до армискиот полигон (АП) „Криволак“ со што вежбата „Македонски Блесок 9“, влезе во завршна фаза. Маршот припадниците од 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) го изведоа со формирање на конвој од над 180 моторни возила, како една од првите борбени постапки со која започна оценувањето на СПБГ.
До крајот на денот СПБГ ќе се оценува на АП „Криволак“ низ решавање на повеќе настани и инциденти, во кои треба да ги изврши следините задачи: блокада на пат, постапки при наоѓање на експлозивна направа, ескортирање и напад на конвој, формирање на постојана и мобилна контролна точка, мобилна и извидувачка патрола, постапки при артилериски напад на база, воздушен напад, кордон и пребарување, реакција на контаминирано земјиште, евакуација на повредени и заболени (MEDEVAC, CASEVAC) и друго. Во Центарот за обука „Пепелиште“ денес влегува во завршна фаза оценувањето на Лесната маневарска болница на АРМ (НАТО 1). Се очекува единиците од составот на СПБГ да покажат висок степен на интероперативност и оперативна способност, со што ќе ги исполнат предвидените критериуми за оценување, согласно Концептот за оперативни способности на НАТО.
До крајот на денот, се спроведува уште еден проект на вежбата од доменот на цивилно-воената соработка, кој се однесува на еколошкото уредување на просторот. Денес, припадниците на инженерискиот баталјон од 1. мпбр со механизацијата која ја поседуваат во формацискиот состав, ќе го отстранат отпадот во околината на селото Криволак, со цел за создавање на почиста и поздрава животна средина.