Денес, 2 октомври 2016 година, во Кампот за обука „Пепелиште“ се одржа свеченост за отварање на вежбата „Македонски Блесок-12“.
Пред присутните се обрати Директорот на вежбата, потполковник Бесник Емини кој напомена дека професионализмот, исклучителната посветеност, врвната обученост се темелите на современиот македонски воин, оттука беспрекорното извршување на задачите низ напорните и сложени ситуации на кои ќе бидат изложени за време на оценувањето ќе биде само доказ на нивнита подготвеност и способности.
Вежбата „Македонски Блесок -12“ ќе се реализира во периодот од 01 до 07.10.2016 година на терените на Армискиот Полигон „Криволак“ и Кампот за Обука „Пепелиште“. За време на вежбата ќе се изврши НАТО оценување НИВО-1 на декларираната ренџерска чета. „Македонски Блесок-12“ е вежба која се изведува со единици на терен со употреба на артифиции и боева муниција, базирана на сценарио за операции за поддршка на мирот и операции за одговор на кризи предводени од НАТО/ЕУ, а под мандат на ОOН. Со оваа вежба треба да се демонстрира интероператибилноста на декларираната единица за употреба во НАТО – предводени операции.
Самата вежба воедно ќе биде и дел од „32. Курс за обучување на оценувачи во НАТО, според концептот за оперативни способности“. На вежбата учество ќе земат 250 припадници од 21 држави на НАТО и ПзМ.