Во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа свеченост по повод испраќањето на контингентот на АРМ кој ќе учествува на мултинационалната вежба „Saber Guardian 2017“. На вежбата, организирана и предводена од армијата на САД во Европа, АРМ ќе учествува со вкупно 71 припадник распоредени на териториите Романија, Унгарија и Бугарија.
Во рамки на церемонијата свои обраќања имаа: министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај и амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли.
Успешна вежба и беспрекорно извршување на доверените задачи им посака министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која ќе ги посети војниците во Романија кои заедно со своите колеги од партнерските земји го манифестираат високото ниво на воен професионализам за што редовно добиваат високи оценки.
Генералот Рацај истакна дека вежбата „Saber Guardian 2017“ ни дава одлична можност за размена на знаења и искуства, развивање на можностите и способностите за заедничко работење и извежбување на персоналот од АРМ со армиите на земјите членки на НАТО и ПзМ, а со тоа и усвојување на НАТО стандардите како придонес во јакнењето на борбената готовност на единиците на АРМ и усовршување на штабните процеси и процедури во НАТО водените операции.
Преку вежбите како што е „Saber Guardian 2017“, Соединетите Држави ги зајакнуваат врските со сојузниците и партнерите на НАТО и ја потврдуваат трајната заложба за колективната одбрана и просперитетот на Европа. Заедничките вежби ја подобруваат способноста на земјите за соработка, комуникација и интеграција во воени платформи, а најважно тие градат лични врски помеѓу војниците и ја зајакнуваат нашата посветеност едни кон други, рече амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли во своето обраќање пред присутните.
На свеченоста присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет, високи претставници од: МО, ГШ на АРМ, канцеларијата за врски на НАТО во РМ, одбранбените аташеи и амбасадата на САД во Република Македонија.