Со вчерашните активности на денот за истакнати гости, на кој присуствуваше и заменик на началникот на ГШ на АРМ, генерал мајор Мухамет Рацај заврши учеството на припадниците на АРМ во состав од еден вод од првиот механизиран пешадиски баталјон од првата механизирана пешадиска бригада, на меѓународната вежба „ЕФЕС-18“ кој се изведуваше во реонот на Измир, Република Турција.
На оваа голема меѓународна вежба организирана од турските вооружени сили на која учествуваа вкупно 7.500 армиски припадници, македонскиот контингент беше дел од 945 припадници на меѓународните единици од армиите на САД, Азербејџан, Бахреин, Бангладеш, Обединетото Кралство, Босна и Херцеговина, Алжир, Грузија, Италија, Катар, Казахстан, Кувајт, Косово, Унгарија, Малезија, Монголија, Узбекистан, Пакистан, Романија, Словачка, Саудиска Арабија и Јордан,.
Припадниците на АРМ, за време на здружената тактичка вежба која започна на 7ми мај, и претходните десетдневни подготовки, изведуваа повеќе видови на вежбовни активности меѓу кои инфилтрација, прераспоредување на позиции со хеликоптери и учество во голем број на комбинирани воени операции, кои имаа цел да ги прикажат сите аспекти на приказ на борбени способности во речиси реални борбени услови.
На денот за истакнати гости покрај генералот Рацај присуствуваа 65 високи воени претставници од 38 партнерски земји на Република Турција, меѓу кои и началникот на турскиот генералштаб, генерал Хукуси Акар и највисоките воени раководители од земјата домаќин.
Воената соработка помеѓу АРМ и Вооружените сили на Република Турција е постојано на високо ниво особено во заедничко учество на вежбовни активности, како и заедничко учество во мировната мисија Одлучна поддршка во Авганистан.