На вториот ден од официјалната посета на АРМ, началникот на ГШ на Вооружените сили (ВС) на Кралството Норвешка, адмирал Хакон Брун-Хансен, придружуван од началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, денес ги посети Регионалниот центар за односи со јавноста, Центарот за медицинска обука и полкот за специјални операции (пСО) на АРМ.
Адмиралот Брун-Хансен беше запознаен со работата на центрите во кои Министерството за одбрана и ВС на Кралството Норвешка, имаат донирано конкретни финансиски и материјални средства и опрема, што претставува клучен фактор во нивниот понатамошен развој.
НГШ на ВС на Кралството Норвешка беше запознаен за развојот на проектот за полската болница (Role 2), како и за иницијативата за формирање на Балкански воено-медицински сили, чиј штаб е планирано да биде во Скопје. Гостите од Кралството Норвешка искажаа задоволство од работата на Центарот за медицинска обука, што ќе претставува основа за понатамошно јакнење на соработката на полето на воено-медицинската обука.
За време на посетата на пСО, гостинот од Кралството Норвешка, имаше можност да се запознае со мисијата, задачите, обуката и искуствата од учеството во мисии и вежби, при што од страна на припадниците на пСО беше изведена показна вежба со содржини од обуката. Не криејќи го задоволството од она што беше прикажано, адмиралот Брун-Хансен оцени дека високиот степен на обученост, интероперативност и примената на НАТО стандардите во обуката, се одлична основа за натамошна соработка помеѓу единиците за специјални операции на двете армии.