„Транспарентноста, веродостојноста на информациите и активната комуникација е основа на мисијата на армиските односи со јавноста во поддршка на командантите“ е главната порака искажана од страна на претставниците на НАТО мобилниот тренинг тим (МТТ) за време на обуката која се реализира во Домот на АРМ во Скопје, во период од 09.12 до 11.12.2015 година.
На обуката која ја изведуваше сертифициран инструктор од оваа област од НАТО присуствуваа офицерите и подофицерите за односи со јавност од канцеларијата за односи со јавност, потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ до ниво на баталјон, од Секторот за Комуникации од МО на РМ, и други старешини од АРМ.
Во текот на обуката, на учесниците се обрати и началникот на Канцеларијата за односи со јавноста во Шејп, кој го истакна значењето кое го имаат односите со јавноста во НАТО и воопшто во воените организации во поддршка на реализација на мисијата на единиците.
Согласно програмата од страна на предавачот од НАТО, на практичен начин и низ дијалог беа презентирани повеќе теми од односите со јавноста во воените организации, а меѓу другото се разменија и голем број на искуства од оваа област.
Научените лекции од оваа активност е дополнителен поттик за персоналот за односи со јавноста за проактивно афирмирање на активностите и припадниците на Армијата на Република Македонија.
Овој вид на обука од доменот на односи со јавноста се реализира за првпат во АРМ од страна на МТТ на НАТО, а покрај ова лицата за односи со јавноста и останатиот персонал од АРМ знаењата од оваа област ги стекнуваат во Регионалниот Тренинг Центар за Односи со Јавноста и други курсеви надвор од земјата.