Делегацијата на Армијата на Република Македонија (АРМ) предводена од Началникот на Генералштабот генерал потполковник Методија Величковски денес (11.05.2015 година) учествуваше на конференција на Началниците на ГШ на балканските земји (Balkan Countries’ CHODs Conference).
Десеттата по ред конференцијата на НГШ на балканските земји се одржа во Истанбул, Република Турција и на неа учествуваа началниците на генералштабови од девет балкански земји членки (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора).
Генералот Величковски за време на форумот оствари и билатерални средби со своите колеги од Турција, Словенија, Хрватска и Србија на кои се дискутираше за идентификување на можностите, облиците и мерките за зајакнување на понатамошната воената соработка.
Акцент за време на конференцијата и реализираните средби беше ставен на подобрување на регионалната соработка од воена перспектива во смисла на заканите и безбедносните предизвици во 2016 година предизвикани од нелегалната миграција, меѓународниот тероризам, сајбер заканите и други.
Помеѓу останатото теми на разговор беа и идентификување на можни области за соработка во духот на „паметна одбрана“, „обединетост и споделување“ и „иницијатива на поврзани сили“ и зголемување на соработката со НАТО, ЕУ и други организации со што дополнително се дава придонес и вреднување на интероперабилноста и меѓусебната поврзаност помеѓу вооружените сили на земјите членки на форумот, со цел обезбедување на приоритетите за поддршка и подобрување на меѓусебната координација.
Оваа активност креирана во вид на форум која се одржува еднаш годишно со ротирачки циклус на земја домаќин, претставува особено значаен механизам за соработка на полето на одбраната и промоција на регионалната безбедност на земјите членки, бидејќи на овој вид средби се разменуваат идеи и произлегуваат иницијативи за соработка во областа на военото образование, заедничка обука и вежби и изнаоѓање на поконкретни и ефективни начини во понатамошна соработка.
За значењето на конференцијата не само за регионалната соработка и безбедност туку и пошироко зборува и фактот што на форумот учествуваат и највисоки воени раководители од НАТО и државни раководители од земјата домаќин.
На оваа конференцијата претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган имаше обраќање до учесниците во кое го истакна големото значење на заедничкото настапувањеи соработка во актуелната безбедносна ситуација.
Обраќања до учесниците имаа и заменик на председавачот на НАТО генерал потполковник Марк Шислер и началникот на Штаб од Командата на Здружените Сили во Неапол генералпотполковник Леонардо ди Марко.