Со отворањето на работилницата во хотел „Холидеj Ин“ и приемот на бригадниот генерал Рејнхард Клос кај заменикот на началникот на генералштабот на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин започна планирачкиот процес за вежбата „Регекс 19“ во организација на НАТО.
На отворањето на работилницата се обратија бригадниот генерал Рејнхард Клос, началник на Ј9 во Здружената команда на НАТО во Неапол и бригадниот генерал Орце Јордев, началник на штаб во Здружената оперативна команда кои ги поздравија учесниците на работилницата посакувајќи им успешна и ефикасна работа.
За време на средбата на генерал Клос со генералот Нуредин се разговараше за планирачкиот процес со цел успешна реализација на вежбата, градење на доверба и разбирање за подобра соработка во регионот и промовирање на зголемена интероперабилност.
Вежбата има за цел оспособување и извежбување на штабниот персонал за работа во мултинационална средина, планирање и водење на мировни операции со мандат на ОН и предводени од НАТО како операции за поддршка на цивилните структури. Истата ќе се реализира во Велес во месец октомври 2019 годинана која е планирано да учествуваат учесници од 16 држави.