Во период од 15 до 19.09.2018 година, во центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“, како и на ВА „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, се одржа иницијалната планирачка конференција (ИПК) за вежбата „Одлучен удар“ (Decisive Strike). Вежбата е дел од поширокиот контекст на вежби на Црноморскиот и Балканскиот регион, предводени од Армијата на САД во Европа.
Оваа активност е продолжение на планирачкиот процес за вежбата која ќе се реализира во период мај-јуни 2019 година на неколку полигони за обука. Целта на ИПК беше да се дефинира и верификува спецификацијата на вежбата и да се обезбедат минимум неопходни информации за учество на партнерски земји покрај Националната гарда на Пенсилванија, преку Литванија, Р. Бугарија и Р. Албанија, кои всушност обезбедија присуство на оваа активност.
На почетокот од иницијалната планирачка конференција, со поздравен збор се обрати началникот на Ј-7/ГШ на АРМ, полковникот Зоран Додевски, а веднаш после тоа, директорот на вежбата, потполковник Игор Манасовски го истакна значењето што ја има истата со оглед на бројот на учесниците од наведените земји. Во текот на денот беа презентирани и првичните насоки за реализација на задачите и активностите кои престојат на оваа планирачка конференција.
За време на престојот на АП „Криволак“ беа извидени сите работни точки односно капацитети за сместување полигони за реализација на вежбовните активности.
Планирачкиот процес за оваа и вежбите од Црноморскиот и Балканскиот регион ќе продолжи на крајот од месецов со главната планирачка конференција во Софија, Р. Бугарија, а работилницата за изработка на планот за вежбата „Одлучен удар“ ќе се реализира на ЦО „Пепелиште“ во месец ноември 2018 година. Со реализацијата на овие активности ќе се обезбедат неопходните документи за непречено продолжување на планирачкиот процес на најголемата вежба за 2019 година во Република Македонија.
ИН/ЗВ/ИМ