Денес, Воено – медицинскиот центар (ВМЦ) свечено го одбележа 21 декември, денот на единицата. Свеченоста се одржа на платото пред бригадата за логистичка поддршка, на која присуствуваа претставници од Генералштабот на Армијата на Република Македонија, Здружената оперативна команда, бригадата за логистичка поддршка, команданти на бригади и баталјони од составот на АРМ, поранешни команданти и други гости.
Заменик командантот на бригадата за логистичка поддршка, полковник Мухарем Мухареми, честитајќи им го денот на единицата пред присутните истакна дека задоволство е да се раководи со единица од ваков состав. Потврда за нивната професионалност се добиените високи признанија и одликувања, за што посебно се горди. Нивните досегашни резултати и достигнувања покажуваат дека имаат капацитет и знаење да ги извршат сите задачи и да го обезбедат она што се бара од нив, обезбедување на здравствената поддршка во вистинско време и на вистинско место.
Командантот на Воено-медицинскиот центар, полковник Ирена Минева, нагласи дека 21 декември, студен ден, но за повеќето е вообичаен со оглед на фактот дека во секакви временски прилики се наоѓаат рамо до рамо со останатите единици во АРМ. Како што нагласи, единицата и со намален број на персонал и ресурси во текот на годината била присутна секаде каде што нивната поддршка била неопходна. Командантот вети дека ќе продолжат со истиот и поголем мотив и нема да се задоволат само со победа на еден меч, туку со освоено првенство. На сите припадници им го честиташе денот на ВМЦ и им посака многу здравје и успех на личен и на професионален план.
На свеченоста, по повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки за постигнатите резултати во работењето на припадниците на ВМЦ.
СС / ЛС