Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов ги посети припадниците на единиците на Армијата на Република Македонија (АРМ) стационирани во касарната „Јане Сандански“ во Штип, како дел од планираните посети на касарните на АРМ со цел непосредно согледување на состојбите во Армијата.
За време на посетата претседателот Иванов беше придружуван од Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, и командантите на Здружената оперативна команда (ЗОК) и првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), бригадните генерали Зоран Милески и Мирче Ѓоргоски.
Од страна на припадниците на вториот механизиран пешадиски баталјон (2.мпб) и првиот логистички баталјон (1.лб), Врховниот командант беше информиран со актуелните состојби и предизвици со кои се соочуваaт овие единици во однос на условите за изведување на обуката и животот на припадниците на АРМ.
Притоа се презентираа дел од вооружувањето и опремата со кои располагаат овие единици, а изврши увид и на дел од просториите каде го согледа нивото на условите за работа и функционирањето на касарната „Јане Сандански”.
Претседателот Иванов имаше можност да проследи показна вежба „Неутрализирање на илегална вооружена група во урбана средина“ на која од припадниците на 2.мпб се презентира висок степен на обученост и посветеност во извршување на задачите при изведување на операции за стабилизација кои се користат во мировните мисии.
Во изјавата за медиумите началникот на ГШ на АРМ, генерал Величковски истакна: Вториот механизиран пешадиски баталјон, кој е базиран во гарнизонот Штип е една од носечките единици на Армијата. Традицијата е долга заради тоа што самото оценување на единиците декларирани за мисии надвор од Република Македонија почнува од градот Штип со билатералната вежба „Македонски блесок 1“, која во регионот веќе станува препознатлив бренд.
Прeдизвиците на вториот механизиран пешадиски баталјон остануваат и за наредната година, а неговите припадници покрај тековните активности ќе имаат за задача и ресертификација, односно продолжување на оценката која ја доби пред три години за оценување на македонската борбена група, чиј носител е овој баталјон.