Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, во придружба на Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски во текот на денешниот ден ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија ангажирани на јужната граница во реонот на Гевгелија.
Претседателот Иванов на брифингот одржан во Оперативниот центар од страна на припадниците на АРМ се запозна со актуелната безбедносна ситуација на овој дел од државната граница, обидите за нелегално поминување на државната граница во изминатиот период, како и за досегашните мерки и процедури кои ги применува АРМ согласно доделените задачи во спречување на нелегални минувања на јужната граница.
По брифингот Врховниот командант на Армијата со генералите изврши обиколка на ангажираните сили на АРМ кои извршуваа задачи во реонот на граничниот камен 59 на македонско грчката граница. Притоа од страна на командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Зоран Милески и командантот на првата механизирана пешадиска бригада бригаден генерал Мирче Ѓоргоски се запозна со досегашните активности, ангажираните сили и средства и планираните начини на делување во наредниот период.
Генералот Милески истакна дека Армијата на Република Македонија има разработено повеќе оперативни планови за ангажирање на јужната граница во зависност од ситуацијата, и останува максимално подготвена за штитење од секаков облик на безбедносно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
Мерките кои АРМ ги спроведува согласно доделените задачи од одлуката на Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Вооружените сили Ѓорге Иванов за зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница во испомош на МВР и граничната полиција, се гарант во зачувување на безбедноста на граѓаните на нашата држава особено со спречувањето на десетици илјади обиди за нелегално влегување на територијата на нашата држава од почетокот на мигрантската криза.
На крајот од страна на Претседателот Иванов уште еднаш се изрази признание на припадниците на АРМ за досегашното успешно справување со предизвиците од мигрантската криза претставува пример и за останатите безбедносни структури во регионот.