Првата механизирана пешадиска бригада која е најголемата борбена единица во армијата, во чии редови се наоѓаат припадници од повеќе родови, со воена свеченост во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, го одбележа денот на единицата.
Началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски обраќајќи се пред стројот на припадниците од бригадата честитајќи им го празникот истакна дека генералштабот на армијата целосно е во функција на потребите на бригадата и на сите потчинети команди и единици со цел исполнување на највисоките стандарди на НАТО, каде што веќе де факто сме членка.
Командантот на бригадата, полковник Драган Ковачки во својот говор истакна дека ова е ден кога треба да се потсетиме на жртвувањата на претходниците на оваа бригада кои допринесоа за постигнатото и чиј носител на традициите е бригадата.
„Ние, припадниците на 1. мпбр, својата иднина мора да ја градиме цврсто убедени дека аманетите на нашите претходници и лекциите од минатото мора соодветно да ги вреднуваме, бранејќи ја татковината и почитувајќи ги различностите, затоа што нема почесен позив од војничкиот, нити пак посвета должност од одбраната на сопствениот народ и татковина“ истакна полковникот Ковачки.
На свеченоста, по повод денот на единицата, беа доделени повеќе стимулативни мерки за припадниците на бригадата, како и за поранешните команданти на бригадата на кои од страна на началникот на генералштабот им беа доделени златни значки на армијата за партнерство, координација и соработка, а беше прогласена и најдобра единица во бригадата.
На свеченоста покрај началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваа и директорот во генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, командантот на здружено оперативната команда, генерал-мајор Павле Арсоски, бригадните генерали Мирче Ѓоргоски и Орце Јордев, воени раководители од министерството за одбрана и генералштабот, поранешни команданти на оваа бригада, претставници на локалната самоуправа и организациите со кои соработува единицата.
Денот на единицата се одбележи и со свечено дефиле на единиците, културно забавна точка од ученици во центарот за изучување на македонскиот фолклор „Митеви“ од Скопје, како и тактичко технички збор на кој посетителите имаа можност да видат дел од орудијата, оружјето и опремата со кои располага бригадата.
Втори април е одреден за Ден на 1.мпбр, како датум на кој овааа единица е трансформирана согласно последната организациско-формациска армиска структура и превземање на задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица со застапеност од повеќе армиски родови.