Денес во хотел „Холидеј Ин“, Скопје започна петтата НАТО работилница за вежбата „REGEX 19“, воедно главна планирачка конференција.
За време на реализација на работилницата тимот кој ја планира вежбата беше посетен од страна на Командантот на ЗОК генерал-мајор Павле Арсоски. Генералот Арсоски се обрати кон присутните и им посака пријатен престој и успешна работа во Република Северна Македонија, истакнувајќи го значењето од меѓусебната соработка со партнерските нации, вкупно 22 нации кои се дел од тимот што ја планира вежбата. Воедно ги истакна придобивките од вежбата за нашата армија како домаќин на активноста и како идна членка на НАТО.
Активноста беше отворена од страна на директорот на вежбата полковник Звонко Мајсторски кој во своето обраќање ги поздрави присутните планери од земјите учеснички на вежбата, а потоа Офицерот од примарна одговорност ги презентираше информациите до каде сме со планирачкиот процес и што треба да се сработи во текот на работилницата.
Во текот на денешниот ден пред присутните планери од страна на ВМЦ беше презентирано Одделението за Медицинска Обука (ОМО), присутните беа запознаети со активностите на ОМО, нејзиното учество во Балканските Наменски Медицински Сили (БНМС) како единици кои се под одговорност на ЗОК.