Во период од 10.06. до 14.06.2019 година во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје успешно се реализира петата регионална работилница за вежбата „REGEX 19“ на која учество зедоа претставници од 20 партнерски земји и од Здружената команда на НАТО од Неапол.
Активноста беше отворена од страна на директорот на вежбата, полковник Звонко Мајсторски кој во своето обраќање ги поздрави присутните планери од земјите учеснички на вежбата, а потоа офицерот од примарна одговорност ги презентираше информациите за моменталната состојба со планирачкиот процес и предвидените активности на работилницата.
За време на реализација на работилницата, тимот кој ја планира вежбата беше посетен од страна на командантот на Здружена оперативна команда (ЗОК), генерал-мајор Павле Арсоски. Генералот Арсоски се обрати кон присутните и им посака пријатен престој и успешна работа во Република Северна Македонија, истакнувајќи го значењето од меѓусебната соработка помеѓу 22 партнерските нации кои се дел од тимот што ја планира вежбата. Воедно ги истакна придобивките од вежбата за нашата армија, како домаќин на активноста и како идна членка на НАТО.
За време на петте дена од работилницата се реализираа повеќе активности меѓу кои: Работа на планот за вежбата, Разработка на оперативниот план (OPLAN) од претпоставената команда (HICON), Финализирање на целите на обуката (Training objectives) со претставниците на партнерските земји и претставници од Здружената команда на НАТО за мултинационалната вежба „REGEX 19“, Дефинирање на листата на главни настани за вежбата, Дефинирање на листата на учесници во фазата на извршување од страна на земјите учеснички, Развивање и дефинирање на сценариото – модул.
Исто така беше презентирано Одделението за Медицинска Обука (ОМО) како и Балканските Наменски Медицински Сили (БНМС) како единици кои се под одговорност на ЗОК, а на 13.06.2019 година од страна на учесниците од Колумбија беше извршена нивна национална презентација за нивната земја и армија.
Претставниците на земјите учеснички на вежбата „REGEX 19“ имаа можност да се запознаат со културните знаменитости на градот Штип, каде го посетија стариот град Баргала во Штип и градскиот музеј.
На крајот на работилницата директорот на вежбата им се заблагодари на учесниците на работилницата за нивното залагање притоа најавувајќи ја следната фаза од планирачкиот процес за вежбата – финалната планирачка конференција која ќе се реализира во период од 03 до 06.09.2019 година.